„Ѓаволот е насекаде, и не можеш да се одбраниш од него со тоа што ќе се скриеш во нешто чисто: и таму ќе те најде. Треба да живееш со Ѓаволот и постојано да се бориш со него. Кога умира човекот, постои одредено, вечно духовно мислење за неговиот живот, кој не исчезнува со неговата смрт. Доброто што го направил продолжува да живее со животите на другите, а и лошото што го направил останува да се развива иако животот може да го сврти и на добро. Човечката духовна судбина постои и понатаму, не е конечно решена, но продолжува со одредена надеж, не гаранција, туку надеж за спас.“ Алфред Шнитке во разговор со
Александар Иваншкин
Еден човек се бори со своето минато, со своите гревови и со своите фантазии. Во еден момент од животот добива шанса таканаречена Соларис при што го доживува најстрашниот кошмар и има можност да се изгуби повторно. Тој преминува во алтернативно постоење, паралелна реалност, со што станува голем грешник. Стои на работ на една карпа, но во последен момент решава да не си пресуди самиот. Помошта доаѓа од едно невино девојче, а се состои од различни значења во неговата психа: Реја, девојче, неговата свест, Соларис и нешто што не може да се именува. Верзијата на претставата Соларис на Андриј Жолдак е визуелен театар, медитација на темата за човечката осуда и спасение. Таа е одење по јаже, на кое на едниот крај е реалноста, а на другиот фантазијата. Јажето – клопчето на Аријадна во лавиринтот – е составено од сеќавања за љубовта и загубата. Оваа претстава е оригинална и базирана на еден концепт кој во голема мера се разликува од оној на Лем или на Тарковски.
Јоана Малау
АКТЕРСКА ЕКИПА
Крис Келвин - ДЕЈАН ЛИЛИЌ
Реја - ДАРЈА РИЗОВА
Крис (дете) - ДАРИО ЕФТИМОВСКИ
Реја (дете) - КАЛИНА ТРИПКОВА
Снаут - АЛЕКСАНДАР ЃОРЃИЕСКИ
Сарториус - АЛЕКСАНДАР МИХАЈЛОВСКИ
Таткото - СЛАВИША КАЈЕВСКИ
Мајката - АРНА ШИЈАК/СОФИА НАСЕВСКА-ТРИФУНОВСКА
Слугинката - ДРАГАНА ЛЕВЕНСКА
ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Сценографи: Моника Пормале и Андриј ЖолдакКостимограф, асистент-сценограф и видео-концепт: Даниел Жолдак
Автор на музиката: Владимир Кликов
Светло-мајстори: Андриј Жолдак и Моника Пормале
Асистент-режисер: Никола Кимовски
Асистент-драматург: Јоана Малау
Камерман: Кузман Клековски
БЕЛЕШКА ОД ДРАМАТУРГОТ
За „СОЛАРИС“ на Станислав Лем„Соларис“ е научно фантастичен роман на полскиот писател Станислав Лем (1921-2006). Објавен е во 1961 година во Варшава и се смета за класика на научно фантастичната литература. Благодарение на својата философска димензија и уметничка извонредност, „Соларис“ наголемо ги надминува рамките на жанрот и се приклучува кон литературата со високи книжевни и уметнички вредности. Делата на Станислав Лем, неговите раскази и романи ги прескокнаа и бариерите на студената војна и станаа омилено четиво на светската публика. Екстремно мал е бројот писатели кои не припаѓаат на англосаксонското говорно подрачје, а достигнале ваков статус, па оттука може да се заклучи дека станува збор за извонреден писател кој ја обединува актуелноста и универзалноста. „Соларис“ - неговиот најпознат роман, овој светски успех го постигнува благодарение на конгломератот на темите и прашањата кои ги отвора. Од една страна, интригантна приказна, драматуршки одлично срочен заплет, моќни ликови, и секако актуелна тема посебно за годините кога е пишуван. Од друга страна посебна вредност на четивото додава философската поента на тема самосвесноста на човекот и ограничувањата на цивилизацијата која светот го набљудува антропоморфно. Лем, инспирацијата за овој роман ја пронаоѓа во обидот на човекот за комуникација со вонземски форми, но она што е револуционерно е неговата теза дека човекот не може, и нема да може да воспостави контакт со таков планетарен организам. Длабоко, во неговата фабула се крие поентата за немоќта на човекот да воспостави контакт ниту со себе си. Во тоа мрачно сознание лежи генијалноста на оваа научно фантастична приказна.
Човечките надежи за супериорност се изневерени во „Соларис“ бидејќи ниту еден од најквалификуваните поединци на земјината цивилизација - научници, астронаути испратени во вселената да ја одгатнат загатката Соларис, не успеваат во својата задача. Крис Келвин, стигнувајќи на научно истражувачката станица која лебди (со помош на антигравитациони генератори) над океанската површина на планетата Соларис, се соочува со комплетен хаос предизвикан од појавата на неуништиви битија – креирани од океанот кои навлегуваат длабоко во потсвеста на научниците, откривајќи ги нивните мрачни тајни, нивните стравови, нивната вина и материјализирајќи ги, додека тој, океанот останува и натаму мистериозен. Непосредно пред пристигнувањето на Келвин, екипажот го изложува океанот на агресивни експерименти, бомбардирања со икс - зраци што резултира со вакви неочекувани последици - трауметични за секој од нив. Океанот ги тестира научниците преку соочување со нивните најболни и најпотиснувани и мисли и сеќавања. Интелигенцијата на океанот креира физички феномени на начин необјаснив за ограничената земна наука. Сета рационалност пропаѓа пред овие материјализирани производи на потсвеста. Да се живее нормално со сопствената вина, со доказот за сопствените грешки, со арогантноста, со неморалноста... е невозможно. Невозможно е да се одржи здравиот разум, и да се остане нормален. Еден од научниците во таа условна немоќ извршува и самоубиство, не можејќи да го поднесе притисокот од чувството дека постојано некој те набљудува, проучува, си поигрува со тебе и те притиска во соочувањето со себе си до крајни граници.
Но Лем, на оваа „немоќ“ го поставува прашањето: Ако не можеш да се соочиш и носиш со себе си, ако не можеш да воспоставиш комуникација со своето внатрешно јас, ако не можеш да живееш со своите мани, и ограничувања, како би можел да спознаеш нешто вон себе, земско или вонземско? Со ваков атак кон човекот, Лем ја истакнува минорноста на човечката природа, ја разотскрива и ја разобличува кревката природа која манифестира супериорни претензии. Создадениот имагинарен свет на „Соларис“всушност е огледало на човечката раса, природа и цивилизација. „Океанот“ - овој термин колку и да не ја опфаќа севкупноста на тој ентитет, е каменот под кој се крие човекот со сите свои слабости. Витешката природа на човекот во релазијата кон Другиот е самозалажување. На луѓето, според Лем, не им се потребни други светови, туку огледало во кое ќе се спознаат себе си. Станислав Лем, во „Соларис“ отвора многу прашања, дава назнаки, но не и дефинитивни одговори. Романот е спој на висок ителектуализам и длабока емотивност. Изминатите децении не му одземаа ништо од уверливоста и интригантноста на ова четиво кое плени со својот наративен раскош, но и „смрзнува“ со својата поента.
Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург