Автор: МИХАИЛ БУЛГАКОВРежисер: АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ „Зошто токму Молиер? Тешко е да се одговори на ова прашање. Јас го читам Молиер повторно и повторно, го сакам уште од детството. Молиер имаше големо влијание врз моето формирање како писател. Чинам дека секогаш ме привлекувала неговата комплексна личност: учител на цели генерации драматичари, голем актер, ненадминат комичар, режисер... Напоредно, во личниот живот, тој е несреќник, меланхолик, сосема трагичен човек...“ Михаил Булгаков Животот на Жан Баптист Поклен де Молиер во изведба на театарската трупа на МНТ под водство на Михаил Булгаков, спомнатиот де Молиер и Александар Поповски Ние не сме луѓе...ние сме привид...Ние сме онаа материја од која соништата се создадени...Кога ќе не ранат, ние не крвариме. Кога ќе не убијат, ние не умираме... Што е душата на глумецот? Промаја, ладен воздух кој се крие во позајмениот костум. Ние не сме сигурни дека постоиме. За да поверувам во тоа треба, да ми аплаудираат. Ми аплаудираат, значи постојам. Вистинскиот живот бара тежина, постојаност, додека сцената од нас бара да бидеме лесни...прозрачни. Ние вам ви го оставаме животот, вие нам оставете ни ја сцената. Глумецот има само една љубовница...сцената...онаму каде што сакаме да живееме и на која сонуваме дека ќе умреме, како Молиер...за да биде и нашата последна геста голем спектакл... ДОДЕКА СМЕ НА СЦЕНА, НЕ НИ МОЖАТ НИШТО! УЛОГИ Никола Ристановски – Жан-Батист Поклен де Молиер, познат драматург и автор Сашка Димитровска – Медлен Бежар, актерка на де Молиер Емил Рубен – Шарл-Вадле де Лагранж, актер со прекар „Регистар“, Отецот Вертоломеј, скитник - проповедник Драгана Костадиновска – Луј Велики, кралот на Франција Оливер Митковски – Жан Жан Бутон, згаснувач на свеќи и слуга на Молиер Марија Новак – Мариета Ривал, актерка на Молиер Нина Деан Гачиќ – Аманда Бежар, актерка на де Молиер Игор Ангелов – Маркизот де Шарон, кардиналот на град Париз Дениз Абдула – Захарија Моарон, познат актер - љубовник Никола Ацески – Маркизот де Орсињи, дуелант со прекар „Еднооки, помоли се!“ Превод: Павел Попов Редактура на превод: Тања Урошевиќ Костимограф: Снежана Пешиќ - Раиќ Сценограф: Свен Јонке Извршен продуцент: Виктор Рубен Избор на музика: Александар Поповски Асистент на режисерот: Лука Кортина Инспициент: Никола Кимовски Суфлер: Зорица Благоевска Тон - мајстори: Александар Петровски, Ненад Трпеновски Светло - мајстори: Илија Тарчуговски, Дарко Младеновски Молиер, роден како Жан Баптист Поклен (1622-1673), француски комедиограф и актер, животот го стартува со уреднаграѓанска биографија: син на дворскиот тапетар, стекната диплома по право, пристојно наследство кое можело трпеливо и рационално да се зголемува... Ама, на 21-годишна возраст, тој импулзивно се откажува од конвенционалниоти, во перспективна смисла, сосема комфорен модел на (мало)граѓанското живеење: формира сопствена театарска трупа (L’Illustre Théâtre), започнува да игра бурлески, набргу финансиски пропаѓа, дури и стигнува во затвор зарадидолговите. По многуте перипетии, кои ќе го следат буквално до последниот здив, оперативната театарска кариера Молиер ја продолжува со една од своите актерски трупи, со која цели 12 години ја крстосува француската провинција, обидувајќи се да преживее, да се докажува како актер-забавувач, ама и како драмски писател кој би кокетирал со вечноста. Еден од неговите современици запишал оти човек не знае дали треба повеќе да му се восхитуваме заради начинот на кој ги пишува своите пиеси или заради начинот на кој самиот во нив игра. Во 1658 Молиер успева да се врати во Париз и апансаз да се здобие со високото покровителство на војводата од Орлеан, попознат како Monsieur, помалиот брат на најмоќниот човек на Франција, тогаш дваесетгодишниот крал Луј XIV, Кралот Сонце. Благодарение на оваа висока заштита, трупата на Молиер најпрвин се вселува во театарот Пти-Бурбон/Petit – Bourbon, а во 1661 во легендарниот Пале-Роајал/ Palais-Royal, блиску до кралскиот Лувр. Навидум, сè си одело мазно. „Комбинирајќи ја улогата на дворскиот службеник и на уметник, притоа водејќи сметка кај му се поддршката и поткрепата, Молиер се сметал себеси за слуга на кралот“ (Р. Харвуд). Ефикасен и продуктивен над сите стандарди, Молиер успевал репертоарот на „дворскиот театар“ постојано да го пополнува со нови наслови низ кои вешто ги комбинирал сите варијанти на хуморот: од најгрубиот/„најнискиот“ до најрафинираниот, сатиричниот, оној што каса до коска. Неговите актери, а најмногу самиот тој, со години развивале специфичен систем/модел на глума, благодарение на кој широкиот дијапазон на хуморот што тие го негувале, силно ја сензибилизирал публиката, наметнувајќи ја комедијата како најпропулзивен театарски жанр на епохата. Од големиот терцет драматичари од францускиот Златен век - Корнеј, Расин, Молиер - токму третиот се докажал како најуниверзален. И највечен, благодарение токму на автентичната хуморот на неговите бравурозни пиеси. Знаеме дека ги напишал 35, дека лично ги режирал сите и дека играл безмалку во секоја. Молиер живеел релативно кратко, дури и за стандардите на болезливиот седумнаесетти век - одвај 51 година. Токму колку и Балзак (1799-1850), кој, безмалку двесте години подоцна, најголемиот дел од својот непристојно голем опус гонарекол (случајно?) Човечката комедија/La Comédie humaine. Легендата вели оти, вечерта на 17 февруари 1673, во текот на изведбата на Вообразен болен, на Молиер наеднаш (?) му се слошило. Претставата, сепак, ја одиграл до крај. Потоа го однеле дома, каде набргу починал. Искрвавел,наводно, во фотелјата која денес се чува во театарскиот музеј на Комеди Франсез/Comédie-Française. Како актер, безбожник по дефиниција, Молиер не смеел да биде погребан на црковните гробишта- а сите гробишта, тогаш, биле црковни. Кралот Сонце морал лично да интервенира, за да се добие дозвола за таен ноќен закоп, надвор од светата црковна земја... Гробот на Молиер денес се наоѓа на париските гробишта Пер Лашез/Père - Lachaise, блиску до оној на Лафонтен. Наводно е - празен.