Мајсторот и Маргарита

{JEVK2EMBED}

Мајсторот и Маргарита на Михаил Афанасјевич Булгаков апсолутно е едно од најзначајните литературни остварувања на 20-тиот век! Денес секој би ја симнал капата пред ова даровито перо. Да! Но, лесно е тоа да се каже денес, да се даде соодветна оцена за делото на Булгаков, да се воздигне неговото име до небеските сводови на светската литература, но во времето кога е пишуван овој роман од 1929 до 1940 година е апсолутно незамисливо објавувањето на ова така силно ангажирано прозно четиво.
Со доаѓањето на Сатаната во Москва, олицетворен во странецот Воланд, мајстор на црната магија, паралелно се отвора и прашањето за постоењето на Бог среде атеистичка Москва. Авторот луцидно ја води приказната за вечната љубов на Мајсторот и Маргарита, кои стигнуваат дури до адот во име на љубовта, преплетувајќи ја оваа љубовна приказна со безброј алузии на тогашниот општествен и политички амбиент. Ликот на Мајсторот кој длабоко е поврзан со самиот Булгаков, неразбран и отфрлен, игнориран од општеството, фрустиран до болка од одбивањето на делото од издавачот одлучува да го запали и да се ослободи од бремето што уметникот го носи со себе. Многу слично на Мајсторот, по завршувањето на првата верзија на романот Булгаков ќе го запали сопственото, за неколку години подоцна повторно да го создаде. Ракописите не горат! Тоа е сигурно! Мислата го пронаоѓа својот пат на овој или на оној начин!

Така, Мајсторот и Маргарита во Русија за прв пат ќе биде објавен, и тоа со цензура во 1966 година, а дури по објавувањето во Франкфурт 1974 година во целина, критиката и читателите за прв пат ќе го доживеат раскошот на оваа комплексна нарација.

Извлечен од заборавот овој жанровски сложен, овој мно гуслоен роман обединувајќи ги елементите на сатира, фарса, фантастика, мистика, мелодрама, философска алегорија веднаш го сместува Булгаков рамо до рамо со великаните на руската литература. Ова е несекојдневен, но прекрасен пример на ракопис откриен во оставнината на еден веќе заборавен автор, пишуван во еден, а прочитан во друг контекст да изврши толку силно влијание во светската литература, и да фрли сосема поинаква светлина на првата половина на 20-
тиот век на планот на литературата.
Мајсторот и Маргарита обединувајќи ги најгорливите дилеми на првата половина на 20-тиот век, поставувајќи го прашањето за позицијата на уметноста во еден крут, тоталитарен систем и позицијата на уметникот наспроти силите на Светлината, или оние на Темнината станува дело кое нуди бескрајно длабоки уметнички планови, алузии, прочити. Оттука и потребата одново и одново да се препрочитува, да се поставува на театарските сцени, одново и одново да се нурка во длабочините на илузиите кои Булгаков ги претвора во реалност. Со секое ново поставување, страсно навраќање, гласно признание за уникумот на ова дело, одново се открива од принудниот заборав не само Мајсторот и Маргарита ами контекстите во кои овие силни теми имаа своја подлога.
Булгаков гласно шепотел во своето време, во Русија, но уште погласно зборува денес во светот!
Загорка Поп-Антоска-Андовска

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk