За „Квартет“
Роналд Харвуд го напишал „Квартет“ инспириран од телевизиски документарец за Верди, чија куќа во Милано била претворена во старечки дом за оперски пејачи. Секоја година на неговиот роденден тие приредуваат гала концерт, на кој овие луѓе пеат, главно ужасно и секогаш многу потресно. По дваесет и пет години откако го гледал овој документарен филм, Харвуд се сеќава: „Беше тоа прекрасен документарец, кој ме „фати“. Минатата година тој повторно исплива на површината. И драмата се роди. Не сакав да го сместам во Италија, зашто не знам ништо за Италија. Затоа го сместив во Англија, во дом за музичари. Тоа е драма за четворица оперски пејачи, кои некогаш биле многу познати, особено поради квартетот од „Риголето“ и кога четвртиот доаѓа, решено е на 10-ти октомври, на роденденот на Верди, да го обноват својот познат квартет. И тогаш, на крајот на драмата, нема да кажам како, тие го пеат квартетот — тоа е театарскиот трик во драмата. Се работи за староста и за триумфот над неа. Еден од ликовите во текстот кажува: ’Ние сме уметници и ние треба да го славиме животот‘. За тоа е оваа драма“. Драмата е напишана во 1999 година, и оттогаш со успех е изведувана на многу сцени низ Европа и светот. Дастин Хофман по овој драмски текст на Харвуд го сними својот филм-првенец.
АКТЕРСКА ЕКИПА
Џин Хортон - ЛИЛЈАНА ВЕЛЈАНОВА
Сесили Робсон - КАТИНА ИВАНОВА
Реџиналд Пеџит - ЕМИЛ РУБЕН
Вилфред Бонд - БЛАГОЈ ЧОРЕВСКИ
ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Превод од англиски јазик: Љубица Арсовска
Дизајн и избор на музика: Зоја Бузалковска
Извршни продуценти: Симона Угриновска и Павле Игновски
Инспициент: Александар Рајковски
Фотограф: Самир Љума
Дизајнер на плакат: Павле Игновски
Дизајнер на светло: Игор Георгиев
Светло – мајстор: Игор Митревски
Дизајнер на тон: Александар Петровски
Тон – мајстор: Ташко Грујовски
Обработка на видео материјал: Павле Игновски
Видео - оператор: Марин Рочевски
Суфлер: Агна Николоска
Реквизитер: Лазо Миев
Гардеробери: Фиданчо Петровски и Светлана Апостолска
Фризери и шминкери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
БЕЛЕШКА ОД РЕЖИСЕРОТ
Подготвувајќи се за првите проби на „Квартет“, на едно место прочитав: „Ова е драма за болната минливост на оперските гласови. Најубав пример на англиска сентиментална комедија од перото на еден од најголемите британски писатели на денешницата, добитник на Оскар за сценариото за филмот ’Пијанист‘.“ Но, прашање е дали е „Квартет“ навистина драма за тоа? Или, дали е драма само за тоа? Реџиналд, Сесили и Вилфред, големи пријатели и колеги, чести партнери во познати опери, веќе извесно време живеат во еден вид старечки дом за пензионирани музичари. Токму кога се наближува прославата на годишнината од смртта на Верди, во домот се појавува четвртиот член од квартетот од „Риголето“, точка од кариерата на овие некогаш познати и славни гласови, која ги направила она што се. Џин се вселува во домот, носејќи го со себе конфликтот на оваа драма. По многу децении, овие богови и божици на оперската сцена повторно се најдуваат на едно место и нивниот живот, сосема неочекувано, добива нова содржина. На залезот на животот, тогаш кога моќта веќе бледнее, кога можностите слабеат, кога концентрацијата попушта, кога телото и умот малку по малку откажуваат, кога веќе ништо не е онакво какво што било некогаш, овие луѓе-траги од минатото, сопственици на четири блескави кариери осудени на заборав остануваат горди борци, достоинствени и нежни, духовити, забавни и допадливи и истовремено толку тажно-смешни во својата битка со неумоливоста на смртта која чека да стави точка на нивната животна приказна. Претставата „Квартет“ трага по најкревкото во односите меѓу овие четири лика. Таа се обидува да ги дофати нивните најдлабоки стравови и дилеми. Да се соочи одблиску со вистината за себе, со прашањата на смислата на животот, стареењето и умирањето наспроти вечноста, љубовта и сексот, пропуштените места во животот и оние проживеаните, сега кога е време да се повлече црта и да се направи резиме на одживеаното; да се сведе билансот на сработеното; да се судрат минливоста и трајните вредности; да се разбудат спомените и достигнувањата и да се испита потенцијалот на нивното сквернавење. Ова е претстава за дигнитетот во односот кон професијата, за перфекционизмот. Претстава која треба да нè врати до самата срж на уметноста во моментот кога консумираме едно општество на загубени духовни вредности.
Во таа смисла, претставата ја сфаќам како крик на опомена на четворица врвни мајстори на актерството, но и достоинствени борци за својата фела и својата најголема љубов — театарот, директно од пиедесталот на кој тешко се стасува, но кој лесно се сквернави, кои на еден трагично-комичен начин нè потсетуваат дека еднаш создаденото во театарот, не смее да биде небрежно извалкано и запустено. Ова е претстава која не трпи попатност, зашто во својата идеја се бори токму против лесното и непромислено изневерување на себеси и на очекувањата на другите околу себе.