On-line продажба на билети   МНТ FM - Слушајте театар
Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ гостува во Словачка, Белорусија и Србија

Почитувани,

Македонскиот народен театар со претставата „Разговори во четири очи“ на режисерката Нина Николиќ, од авторот Ингмар Бергман, а во адаптација на Тамара Барачков, ќе настапи на сцените на двата престижни меѓународни театарски фестивали: „Central European Theatre Festival“ во Кошице, Р. Словачка, „Belaya Vezha“, Р. Белорусија и во театарот „Kosztolányi Dezső“, Р. Србија.

„Central European Theatre Festival“ во Кошице, Р. Словачка, ќе се одржи во првата половина од септември, а Македонскиот народен театар ќе настапи на 10 септември во 17 часот. Овој фестивал во Кошице е значаен културен настан на кој земаат учество театарски куќи од Полска, Чешка, Унгарија, Македонија и други.

Традиционално, еднаш годишно во Брест, Белорусија, театрите од целиот свет на белоруската публика ѝ ги прикажуваат своите најдобри дела, каде што ги споделуваат креативните искуства и трендови на модерниот театар.

  Оваа година во селективната репертоарска програма на Меѓународниот театарски фестивал „Belaya Vezha“, на кој учествува и Македонскиот народен театар, ќе опфати широк спектар на драмски претстави, куклен, музички и физички театар, а ќе учествуваат 14 земји: Белорусија, Грузија, Унгарија, Казахстан, Латвија, Литванија, Македонија, Молдавија, Полска, Русија, Украина, Финска, Чешка и Естонија. Во селективната фестивалска програма ќе настапат 28 театарски куќи, а фестивалот ќе трае од 8 до 17 септември 2017 година. Македонскиот народен театар ќе се претстави на 12 септември со почеток во 18 часот. Претставите ќе се играат на големи и мали сцени, на различни локации, како и на плоштадот „Ленин“ во Брест.

По Меѓународниот театарски фестивал „Belaya Vezha“ во Белорусија, екипата на „Разговори во четири очи“ во состав: Амернис Нокшиќи-Јовановска, Нина Деан, Петре Арсовски, Дарја Ризова, Катина Иванова, Благој Веселинов и Дамјан Цветановски ќе отпатува за Србија, каде што на 15 септември ќе игра во театарот „Kosztolányi Dezső“ во Суботица.

Она што треба да се потенцира, е дека во 2016 година претставата „Разговори во четири очи“ имаше големи фестивалски успеси во Санкт Петербург во Русија на Меѓународниот театарски фестивал АртОкраина (ArtОкраина), Фестивалот ФЕМАРТ (FEMART) во Косово и Фестивалот на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. „Разговори во четири очи“ е претстава која го збогатува своето фестивалското искуство надвор од границите на Балканот.

Срдечно,

НУ Македонски народен театар

 

МНТ ФМ
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА: +389.2.3230.304
АДМИНИСТРАЦИЈА: +389.2.3216.725
МАРКЕТИНГ: +389.2.3216.366

АДРЕСА: ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

Какви известувања сакате да добивате?