IN MEMORIAM - Васил Шишков (30.1.1970 – 21.12.2014)

Вчеравечер, на 21 декември, во 45-тата година од животот, во Скопје ненадејно почина Васил Шишков, актер на Македонски народен театар. Шишков е роден на 30 јануари 1970 г. На 24 години дипломирал актерска игра на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Како професионален актер дебитирал, уште студент, на сцената на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп 1993 г., играјќи го Марко Крале во истоимената пиеса на Младен Србиновски. Претставата ја режирал Љубиша Георгиевски. Веднаш по дипломирањето, 1994 г., станал член на драмскиот ансамбл на МНТ со кој, во текот на изминативе две децении, одиграл дваесеттина ролји. Гостувал и во театрите во Велес и Струмица.

ШишковИграл во неколку македонски филмови и телевизиски драми. Својата последна ролја Васил Шишков ја одиграл во претставата „Вечната куќа“, со која на 7 ноември 2013 г. била отворена новата зграда на Македонскиот народен театар. По изборот на Јордан Плевнеш, автор на текстот и на Дејан Пројковски, режисер на претставата, токму нему му било доверено да го игра митскиот македонски актер Ристо Шишков, неговиот татко кој починал 1986 г., на 46-годишна возраст. Комеморацијата ќе се одржи на 23 декември во 11 часот – Македонски народен театар. Погребот на Васил Шишков ќе биде одржан на 23 декември на Градските гробишта во Бутел (капела од 12:00 до 13:00).

 

Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk