Животот е прекрасен

  • Автор: Николај Ердман
  • Режисер:

    Александар Морфов

  • Информации: Сценограф: Никола ТОРОМАНОВ 
    Костимограф: Марија ПУПУЧЕВСКА 
    Кореограф: Инга КРАСОВСКА 
    Извршен продуцент: Виктор РУБЕН 
    Драматург и преведувач на адаптацијата: Загорка ПОП – АНТОСКА АНДОВСКА 
    Асистент – режисер и инспициент: Никола КИМОВСКИ  
    Асистенти на сценографот: Илина АНГЕЛОВСКА и Ангел ПЕТРОВСКИ 
    Избор на музика: Александар МОРФОВ 
    Музички аранжер: Дарко ИЛИЕВСКИ 
    Дизајнер на плакат: Срѓан ЈАНИЌИЈЕВИЌ 
  • Премиерна изведба: Недела, 10 Април 2016
  • Времетраење: 210 минути
  • Пауза: Да
  • Сцена: Голема
За „Самоубиец“ на Николај Ердман

Драмскиот текст „Самоубиец“ на Николај Ердман е еден од најконтроверзните писателски остварувања на дваесеттиот век. Напишан е во 1928 година, а за првпат во СССР е поставен во 1987 година.  Зошто? Зошто повеќе од 60 години една пиеса може да биде забранета, и покрај силните залагања на МХАТ и театарот на Мејерхољд? И покрај застапувањата на Мејерхољд, Станиславски, Луначарски, Горки и Булгаков, комунистичкиот режим ја држел оваа пиеса под тотална цензура. Во историјата на светската драматургија познати се повеќе примери во кои тоталитарните режими забранувале пиеси, автори или претстави. Секогаш причината е иста. Неподобност на мислата на авторот, неподобност на темата, неподобност на пораката и сознанијата што драмскиот текст/автор/претстава ги испраќа на публиката. Ако речеме дека работата на драмскиот автор е да го фати ѕверот за врат и да го издигне високо над масата народ, бидејќи иако е тој тука, масата може да биде слепа и да не го препознае, Николај Ердман очигледно многу високо го подигнал ѕверот за врат, толку високо што станал преопасен за еден затворен, едноумен систем во кој слободната мисла мора да биде санкционирана.

Од аспект на драмската приказна и драматуршката поставеност на карактерите, развојот на дејството, драмската нарација и структура, а посебно со разрешницата на пиесата, можеме да заклучиме дека станува збор за извонредно напишан драмски текст, комплексен, компактен, без празни одови, со силен драматуршки фокус на прашањето „Кој и како и зошто може/треба да профитира од самоубиството на еден обичен човек?“ Како може да се (зло) употреби смртта односно самоубиството на еден и не толку важен човек за сопствени високи и исклучително важни цели е драматуршката нишка на која извонредното драмско перо на Николај Ердман ја гради драмската тензија. Накратко, Подсекаљников е невработен, и длабоко фрустриран човек, кој нема место во општеството, живее на грбот на својата жена, и е обврзан да го трпи презирот на целото опкружување кое е свесно за бесполезноста на Семјон Подсекаљников. Драмскиот конфликт започнува кога поради несоница, Семјон бара утеха во димениот колбас кој ќе ја отвори пандорината кутија на општествената и семејната неполезност на Семјон. Оттука ќе се наметне идејата за самоубиство, која ќе биде злоупотребена од редица претставници на руската интелигенција и руското општество во целина, кои од Подсекаљников ќе побараат, кога веќе решил да се самоубие, да се самоубие во името на нивните идеали, во името на љубовта, во името на религијата, во името на трговијата, во името на руската интелигенција која е замолчена под притосок на системот. „Во ова време господин Подсекаљников, тоа што живиот го мисли, гласно може да го каже само мртвиот.“ вели Аристарх Доминикович Гранд-Скубик. Со оваа логика, високите општествени кругови ќе го наведат на самоубиство прекрасниот, мирен и семеен Семјон Подсекаљников кој единствено посакува да пачели свирејќи на бас туба Претставниците на руското општество, тие што таму веќе нешто значат, ќе го употребат самоубиството на Подсекаљников за своите „високи“ цели ветувајќи му ја толку посакуваната општествена корисност во пакет со незаборавен погреб каде целото руско општество ќе се поклони пред ковчегот покриен со рози. Гротескната организација на банкетот пред самоубиството, и изборот на менито од страна на покојникот ја илустрира перверзијата на општеството кое сака ефтино да ја купи смртта на Подсекаљников. Но, за уште посилно да ја потенцира одвратноста на руската интелигенција и високите кругови Ердман драмата ја завршува со генијална авторска разрешница. Откако, Подсекаљников ќе смогне сила да им соопшти дека сака да живее, само да живее, со што ќе го навлече гневот на присутните, се случува брилјантен драматуршки момент. Дотрчува еден од ликовите и вели.„ Федја Петунин, Глувонемиот се самоуби! Остави писмо.“ Тогаш претставниците на руското општество ги собираат погребалните реквизити наменети за Подсекаљников и како лешинари тргнуваат да профитираат од смртта на Глувонемиот.

Има зошто оваа драма била забранета, но има и зошто оваа драма да ја живее својата бесмртност. Николај Ердман по „Самоубиец“ не напишал ниту еден драмски текст. Драматуршката адаптација на драмата „Самоубиец“ насловена како „Животот е прекрасен“ е на режисерот Александар Морфов и таа доследно ја следи сижетната линија на оригиналниот драмски текст, но на еден извонредно духовит и интелигентен начин внесува многу живост и динамика во сцените, репликите и драмските ликови.

Загорка Поп-Антоска Андовска, драматург
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА:
+389.2.3230.304

АДМИНИСТРАЦИЈА:
+389.2.3216.725

АДРЕСА:
ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје

e-mail: info@mnt.mk