Правењето претстава за деца е голема одговорност и привилегија. Нема посебен метод, освен времето и љубовта посветени на материјата. Нашата материја беше квантно скокање по Сказните за Аладин. Се обидовме да ги одгатнеме тајните кодови на културните различности и нивната поврзаност со катастрофалната универзална човекова злоба и алчност. Љубовна приказна, која со здрава доза на хумор и естетски цинизам, се бори со секојдневните хипербанални материјалистички пориви. Ова некогаш беше убав свет, ние го расипавме.
Авантурите на Аладин е приказна за победата на љубовта, најнекорумпирабилната сила во универзумот, врз алчноста и злобата. Приказна за простувањето и потребата да се верува дека во секој човек лежи скриен добротвор, скриен пријател, безусловен почитувач и сродна душа. Со многу музика, базирана на рокенрол класици, се карикатуризираат лошите, се нагласуваат пријатните карактеристики и атрибутите на нашите јунаци, во бескрајната трка по среќа. Наш понизен обид да направиме малку магија за најмладите на сцената на Македонскиот народен театар.
Тотален театар и визуелно уживање за сите со отворено срце да го слушнат нашиот повик за подобра иднина на нашите деца.
Сѐ уште не сум слушнал поубава музика од колективното смеење на децата. Нема ни да слушнам!
Бојан Трифуновски, режисер
АКТЕРСКА ЕКИПА
Аладин - Александар Михајловски
Принцезата Џасмин - Дарја Ризова
Абaнaзер Велики - Сашко Коцев
Духот од ламбата - Никола Ацески/Гораст Цветковски
Вдовицата – мајката на Аладин - Камка Тоциновски
Императорот – таткото на Џасмин - Славиша Кајевски
Робинката од прстенот – Леонора - Драгана Левенска
Страшилото – Принцот Леополд - Ненад Анѓелковиќ
Детско драмско студио на Магдалена Ризова - Черних:
Малата Џасмин – Анастасија Ташковска
Малиот Аладин – Дарио Ефтимовски
А. Енџи Николоска, Изабела Јакимова, Бранко Атанасов, Ема Давчева, Стефан Миленков, Мина Јелушиќ, Магдалена Младеновска и Лазар Христов
КРЕАТИВЕН ТИМ И ТЕХНИЧКА ЕКИПА
Сценограф: Илина Ангеловска
Костимографи: Антонија Гугинска - Јорданоска и Елена Вангеловска
Кореограф: Александра Кочовска Начева
Композитор: Џијан Емин
Извршен продуцент: Симона Угриновска
Инспициент и асистент на режисерот: Никола Кимовски
Музички асистент на режисерот: Марко Павлевски
Видео анимации и сценски борби: Миодраг Константинов
Камерман: Кузман Клековски
Видео оператор: Марин Рочевски/Драган Алексовски
Дизајнер на плакат: Срѓан Јаниќијевиќ
Дизајнер на светло: Игор Ѓеоргиев
Дизајнер на тон: Ненад Трпеноски
Фотограф: Драган Гајиќ
Оператори на светло: Горјан Темелкоски и Игор Митревски
Манипуланти на горен и долен погон: Костадин Велков, Васко Бојаџиски и Ивица Урдаревиќ
Реквизитери: Соња Крстевска и Лазо Миев
Гардеробери: Скендер Бериша и Светлана Апостолска
Фризери и шминкери: Бранка Пљачковска и Моника Грковска
Суфлер: Тања Ивановска
БЕЛЕШКА ОД ДРАМАТУРГОТ
АВАНТУРИТЕ НА АЛАДИНПриказната за Аладин и неговата волшебна ламба е една од највозбудливите во збирката Илјада и една ноќ, во која ја вметнал Французинот Антон Галанд во 18 век. На сцената на Македонскиот народен театар, во режија на Бојан Трифуновски, ќе гледате осовременета верзија, чие дејство се случува во денешно време, но елементите на бајка со современи визуелни средства, сепак се присутни.
Голема вредност на оваа драматизација е присуството на духовитост и хумор, на кој се инсистира и вербално, но и незаборавно духовитите ситуации. Комбинацијата на бајка, хумор, музика и современост е клучот на оваа претстава за успех. Најмладата публика, за која пред сѐ е наменета, ќе има шанса да патува, и да се смее, и да ги сака јунаците на сцената.
Транспозиција, од митско во сегашно време, носи нови вредности на оваа извонредна бајка. Претставата се стреми да изгради сосема нов и возбудлив визуелен израз, кој е пресуден за комуникацијата со современите деца. Музиката, и елементите на мјузикл придонесуваат со леснотија да се нурнете во морето авантури на нашиот јунак. А за визуелното да ја заокружи театарската магија, режисерот се одлучува да „игра“ со сенки, како парафраза на древниот Караѓоз театар.
Доживувањата и авантурите на Аладин, според следот на приказната, нѐ водат од возбуда во возбуда, од сцена во сцена, со цел да ни ја откријат, овој пат сензационално, во формат на детски сценски спектакл, вредноста на љубовта, пријателството и магијата.