МНТ FM - Слушајте театар
14.6 | 22 :00 „КОПАЊЕ“ на 52-то издание на Фестивалот „Војдан Чернодрински“


Претставата „Копање“ во режија на Франц фон Штролхен во официјалната програма на 52-то фестивалско издание „Војдан Чернодрински“, Прилеп

 

Пиесата „Копање“ на Кристијан Винклер е еден исклучително вешто напишан драмски текст што во драматуршка стапица „заглавува“ три карактери, ликови што веќе имаат заедничка историја со цел да ги соочи со себе, со минатото, со вистината. Сега, по долго време обединети во еден простор, со едно апсурдно дејство – копање бунар, тие ги откопуваат запретаните емоции, болки, недоразбирања, фрустрации сѐ со цел да се потсетат на тоа кои се, и што тие си значат еден на друг. 

Навидум една банална средба, мотивирана од навидум една банална причина, се претвора во длабока емоционална исповед. Зошто? Зошто луѓето премолчуваат? Зошто се оддалечуваат? Зошто потиснуваат? Зошто манифестираат крајна кревкост во соочувањето со себе?

Драматуршката вредност на текстот се заснова на извонредно изградените ликови на двајца другари од детството, Ивица и Гораст. Во нивните премолчени, неискажани превирања се гради психолошка драма исполнета со суптилна тензија. Во недореченото е реченото. Ликот на Алек, кој функционира како еден банален контрапункт преку кој авторот ја гради играта на зборови и драматуршкото сокривање. Алек на некој начин е драматуршка кочница на недореченото да биде речено. Воедно, овој лик сосема успешно придонесува во драматуршкиот развој на односот меѓу Гораст и Алек. Кочницата, во еден момент во „Копање“ станува мотор.

Вештината на водењето на дијалогот, преку кој се создава драмската тензија е еден од најсилните атрибути на оваа современа драма. Брзите, кратки и динамични реплики, што повеќе сокриваат отколку што кажуваат, придонесуваат за извонредниот ритам на драмата.

Актуелноста на темата пријателство, прашалникот кој е поставен меѓу момчињата е прашалник кој може да се препознае во многу човечки релации. Оттука, во оваа тензична релација, игра на три лика, ќе се препознаеме сите ние, во некој замрзнат момент од нашето живеење.

http://mnt.mk/pretstavi/kopanje

 

МНТ ФМ
Виртуелна прошетка Музеј

БИЛЕТАРНИЦА: +389.2.3230.304
АДМИНИСТРАЦИЈА: +389.2.3216.725
МАРКЕТИНГ: +389.2.3216.366

АДРЕСА: ул. 11 Март бр. 3, 1000 Скопје, Македонија

e-mail: info@mnt.mk

Какви известувања сакате да добивате?